ПРВ.мк
Македонија

Клековски најавува европски стандарди и рано предупредување - Нов системски пристап против дрогата

Клековски најавува европски стандарди и рано предупредување - Нов системски пристап против дрогата

Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари средба со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – UNODC во Скопје, Уктам Насиров, на која се разговараше за новиот и поефикасен пристап во справувањето со проблемот со дрогата.

Клековски истакна дека борбата против дрогата мора истовремено да се води и од безбедносен и од здравствен аспект.

Од една страна, институциите мора да работат на спречување на недозволената трговија со дрога, додека од друга страна, лицата кои веќе развиле зависност треба да бидат третирани како пациенти на кои им се потребни соодветен третман, поддршка и можност за враќање кон нормален живот.

Според Клековски, само со паралелно дејствување на двата сегмента може да се постигнат вистински и долгорочни резултати.

Во рамки на Реформската агенда предвидени се измени во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, воспоставување Национална опсерваторија за дроги и зависности, како и продлабочување на соработката со Агенцијата за дроги на Европската Унија – ЕУДА.

Овие чекори треба да овозможат подобри и веродостојни податоци, систем за рано предупредување и примена на европски стандарди во справувањето со оваа проблематика.

Посебен фокус на средбата бил ставен на новите синтетички дроги, кои брзо се појавуваат и се менуваат, поради што е неопходна уште посилна координација меѓу Министерството за здравство, МВР и меѓународните партнери.

Клековски порача дека институциите ќе продолжат да дејствуваат координирано, со заеднички пристап кој ги обединува превенцијата, безбедноста, здравствената заштита и меѓународната експертска поддршка.