Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на сè почестите случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политички активности, во пресрет на локалните избори. И покрај тоа што официјалната кампања завршува за неколку дена, на социјалните мрежи сè уште кружат фотографии и видеа каде деца се користат како дел од политичката пропаганда.
„Со загриженост констатираме дека ваквите активности не се во најдобар интерес на детето и претставуваат директна злоупотреба – што е забрането и со домашните закони и со меѓународните конвенции,“ стои во соопштението на Комитетот.
Од таму наведуваат примери како видеа со деца што повикуваат на гласање, кандидати кои делат играчки или промотивен материјал на деца, и слични активности кои претставуваат грубо прекршување на нивните права.
Според Законот за заштита на децата, член 12, став 4, „се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“ – што значи дека сите вклучени можат да сносат и правна одговорност.
Хелсиншкиот комитет испрати јасен апел:➡️ Политичките партии, медиумите и родителите веднаш да престанат со вклучување на децата во кампањи➡️ Институциите да реагираат и да ги санкционираат сите прекршители➡️ Да се стави фокус на вистинските потреби на децата – квалитетен живот, образование и безбедна иднина
„На децата не им е место во политиката. Тие заслужуваат грижа, а не злоупотреба,“ порачаа од Хелсиншкиот комитет.