ПРВ.мк
Македонија

Ќе плаќаме ли помалку струја? Владата подготвува нов модел за граѓаните

Ќе плаќаме ли помалку струја? Владата подготвува нов модел за граѓаните

Владата не планира зголемување на цената на електричната енергија, а се разгледуваат можности за намалување на цената или продолжување на периодот на евтината тарифа, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој нагласи дека македонскиот енергетски систем е стабилен и покрај глобалните предизвици, додавајќи дека хидроакумулациите во моментов се исполнети повеќе од 70 проценти, а во резервите има речиси 500 GWh електрична енергија. Според него, тоа обезбедува сигурно снабдување и за домаќинствата и за стопанството.

Мицкоски истакна дека Владата навреме презела мерки, па нема потреба од вонредни повици за штедење на електрична енергија, како што тоа го прават некои европски земји.

Паралелно со тоа, државата продолжува да инвестира во нови енергетски капацитети. За втората половина на август е најавен увид во изградбата на ветропаркот на компанијата „Алказар“, инвестиција вредна околу 500 милиони долари во регионот на Штип, Карбинци и Радовиш.

Премиерот најави и подготовка на десетгодишна стратегија за развој на енергетскиот сектор, нагласувајќи дека Владата останува отворена за конструктивни предлози, но ќе се спротивставува на, како што рече, дезинформации и манипулации поврзани со енергетиката.