ПРВ.мк
Македонија

Казни и за родителите чии деца повторно вршат насилство: Јаневска најави нови мерки

Казни и за родителите чии деца повторно вршат насилство: Јаневска најави нови мерки

Министерството за образование и наука најавува воспоставување долгорочен систем за превенција и справување со меѓуврсничкото насилство во училиштата, кој треба да вклучува законски измени, промени во организацијата на работата и поголема одговорност на сите вклучени страни.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека меѓу мерките се предвидуваат и санкции за родители чии деца повторуваат насилно однесување.

„Презедовме проекти и законски измени. Направивме промени во училиштата во однос на распоредот на наставниците, грижата, дури и казни за оние родители чии деца го повторуваат насилството меѓу врсниците“, изјави Јаневска, пренесува „Скопје1.мк“.

Според министерката, целта е активностите да не останат само краткорочни проекти, туку да се изгради функционален систем кој постојано ќе работи на превенција, навремено препознавање и справување со насилството меѓу учениците.

Таа информираше дека веќе се водат разговори со службите на Град Скопје, а се очекува темата да биде разгледана и со градоначалникот.

Иницијатива за нулта толеранција кон насилството во училиштата најавија и од ВЛЕН. Нивниот предлог предвидува заедничко дејствување на општините, училиштата, психолозите, наставниците и родителите.

Како прв пример беше посочена Општина Чаир, каде што се преземаат чекори за формирање работна група и платформа за превенција и третирање на случаите на насилство меѓу учениците.

Според податоците наведени во информацијата на „Скопје1.мк“, полицијата во периодот од 22 јули до 20 август регистрирала 973 случаи на насилство во Македонија, а меѓуврсничкото насилство било меѓу почесто регистрираните форми, по семејното насилство.