ЈСП Скопје објави важно известување за корисниците на годишниот билет за бесплатно користење на јавниот превоз, со кое потсетува дека задолжително мора да се изврши заверка за 2026 година. Од јавното претпријатие нагласуваат дека ќе има толеранција и нема да се изрекуваат казни до 20 јануари 2026 година, но по тој датум контролите ќе бидат редовни.
Заверката на билетите е започната уште на 25 декември 2025 година и се врши во било кој центар за персонализација на ЈСП Скопје, со лично присуство на корисникот. Потребно е да се достави потврда за редовен статус од акредитирана високообразовна установа, оригинал индекс со запишан зимски семестар и лична карта на увид.
Од ЈСП појаснуваат дека на лицата кои првпат го користат правото на бесплатен превоз во академската 2025/2026 година, билетот автоматски важи и за следната календарска година. Годишниот билет овозможува неограничен број возења на сите градски и приградски линии, но не важи за ноќен превоз.
Истовремено, ЈСП потсети и на корисниците над 62, односно 64 години, дека мора да ги заверат своите бесплатни годишни билети најдоцна до 31 јануари 2026 година. Во спротивно, билетите автоматски ќе бидат блокирани и нема да може да се користат повластените месечни билети без претходна заверка.

















