Полицијата од Велес и Штип приведе две лица под сомнение за измама и злоупотреба на лични податоци. Станува збор за 65-годишниот Д.К. од Штип и 46-годишната Т.К. од Велес, кои се сомничат дека преку интернет оглас понудиле лажна работа, со што дошле до лични податоци на 47-годишна жена.
Жртвата, верувајќи дека аплицира за работа, испратила свои документи, кои подоцна биле искористени за аплицирање брз кредит во нејзино име, во износ од 40.000 денари. Кога парите биле уплатени на нејзината сметка, друго лице ѝ се јавило и побарало да ги врати, тврдејќи дека се префрлени по грешка.
Жената се посомневала дека станува збор за измама и случајот го пријавила во полиција. По инструкција од СВР, таа му предала обележани банкноти на лице кое дошло со такси, по што полицијата ги привела осомничените.
При претрес во домот на Т.К. биле пронајдени докази, а истрагата водела и до затвореник П.С. во КПД Штип, кој соработувал во измамите преку мобилен телефон. Телефонот му бил одземен.
Против сите инволвирани ќе бидат поднесени соодветни пријави.