Францускиот претседател Емануел Макрон ја изрази својата длабока загриженост поради сигналите дека Иран може да се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Според него, тоа би било „најлошото можно сценарио“, особено по неодамнешните американски напади врз иранските нуклеарни постројки.
„Ќе разговарам со лидерите на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, вклучително и со претседателот Трамп, за да постигнеме заедничка стратегија за спречување на нуклеарна ескалација од страна на Техеран“, изјави Макрон за BFM.
Паралелно, Макрон најави повторна активација на иницијативата за конференција за изнаоѓање решение за Блискиот Исток – со фокус на моделот за две држави. Таа конференција првично беше одложена поради конфликтот меѓу Израел и Иран.
Макрон откри дека во наредните денови ќе се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој треба да биде копретседавач на конференцијата. Целта е во јули да се одржи состанок под покровителство на ОН.
Француските медиуми во меѓувреме јавуваат дека Макрон сериозно размислува за официјално признавање на палестинската држава, чекор што би можел дополнително да го засили дипломатскиот ангажман на Париз во регионот.