За време на настапот на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци, тој ја промовираше својата криптовалута – Токен Лукас. Популарниот трубо-фолкер неодамна најави дека преминува во светот на криптовалутите, а неговиот токен може да се купи преку сајтот Lukastoken.com.
Еден кавадарчанец, кој инсистираше да остане анонимен, откри дека вложил поголема сума во токенот, очекувајќи голема заработка.
„Вложив неколку десетици илјади евра, и она што го видов досега покажува голем раст и ветувачки прогнози. Секој кој се занимава со криптовалути е свесен за ризикот – ако повеќе луѓе купуваат, вредноста расте; ако продаваат, паѓа. Но, постои ли бизнис без ризик?“, раскажа соговорникот.
Лукас ја промовираше својата криптовалута и на настап во Гевгелија, а планот е тоа да го направи и ширум Европа, каде што гостува. Во Кавадарци, повеќе лица веќе инвестирале во Токен Лукас, а интересот расте.
„Ова не е пирамидална шема, туку тргување со криптовалути, нешто што постои во целиот свет и кај нас не е забрането. Имам доверба во Лукас и проектот, тој не би наштетил никому поради профит“, додава кавадарчанецот.
Според Народната банка, прашањето за издавање и тргување со крипто-средства во земјата не е регулирано, но тоа не значи дека е незаконско. Сепак, поради анонимноста и комплексноста на трансакциите, ризикот е повисок, особено кога станува збор за перење пари и финансирање тероризам.
















