ПРВ.мк

Илија Димовски, колумна за МКД.мк: Границите не треба да бидат граници

Илија Димовски, колумна за МКД.мк: Границите не треба да бидат граници
Vero

Ако соседните народи успеале да создадат чувство на хомогена припадност преку селективно читање на минатото, македонскиот предизвик денес е поинаков и е насочен да изградиме културно обединување што ги надминува географските граници.

Во континуитетот на нашата дебата за разликите меѓу народниот идентитет и политичката нација, неопходно е да погледнеме подлабоко во балканските парадокси и да ги споредиме македонските искуства со оние на соседите. Само преку ваква компаративна перспектива, можеме да ја разбереме уникатноста и трајноста на македонската самобитност, но и да ги согледаме слабостите и предизвиците што ги носи современата политичка реалност.

Балканот, како историска крстосница на империјални амбиции и културни струи, е лабораторија на идентитетски експерименти. Хаотична збирка на наративи и контрадикторни интерпретации.

Историграфијата на Византија не е аксиома

Во базата на градењето на наративите и историските (не)вистини, како аксиома се зема византиското поимање на Балканот и неговите народи и племиња. При тоа на овој светоглед не му се дава компонента на засегната и заинтересирана страна, се третира како објективен извор, кој навистина не е. Византија војува со сите народи (со некои во континуитет, со некои повремено) што ја опкружуваат. Војната создава двојна диоптрија, нема објективност, нема неутрална научна перспектива.

Византија (Ромеја) создава историографија штетна и спротивна на интересите на сите вулгарос – Βούλγαροι (а сите кои не се Ромеи се вулгарос). Историографијата во тој период скоро секогаш е дел од највисоките слоеви на политичката елита и најблиските кругови на императорите, а некогаш тоа се и самите тие. Ние до ден денес ги апсорбираме како од Бога да се дадени тие вистини (да, да, црковната цариградска јерархија постои заради тоа, да нѐ убедува во божјата промисла на нивните ромејски вистини), без никогаш да се запрашаме што сакала да постигне Византија кон нас и со нас.

Византиската историографија е производ на своето време и политички контекст, но сепак некои аспекти од неа можат да се користат за разбирање на минатото, секако доколку се анализираат критички.

Грчка синтеза: една држава, еден народ, една вера, еден јазик
Оттука грчкиот модел, на пример, се темели на синтеза на античкото хеленско и изразено византиското и христијанско наследство. Оваа синтеза е резултат на долгорочна државна политика и изразена европска поддршка. Во подоцнежните периоди, на крајот на 19 и почетокот на 20 век, на оваа неподнослива синтеза се додава и наследството на стара Македонија како нужност за историско оправдување при освојувањето на македонските земји на север од Грција. За да се справи со различностите на своето наследство, но и да се справи со различностите внатре во своите граници, Грција и нејзините креатори го користат визинатискиот модел изразен во сентенцата на постоење на една држава со една вера кои произведуваат еден народ со еден јазик. Во грчкиот пример овој модел интегрира и асимилира.

Грција, уште од 19 век, вложува огромни ресурси во конструирање на национален наратив кој ги претопува регионалните разлики и ги апсорбира различните културни влијанија во еден унифициран идентитет. Оваа државна стратегија, иако успешна на надворешен план, често ги маргинализира локалните посебности, како што се словенските и македонските говори во северна Грција, влашките говори низ Епир и централна Грција, арванитското наследство низ цела Атика и Евија, а кои се третирани како „остаток“ од заедничкото ромејско минато, а не како дел од живата културна матрица денес. Сите различности грчката држава денес ги поима како составен дел на едната и голема грчка христијанска нација.

Бугарска мобилизација низ руски превод на грчкиот јазик

Бугарскиот пример, пак, е парадигма на идентитетска креативна мобилизација под силно влијание на надворешни сили. Руската поддршка во 19 век беше клучна за создавање на бугарската држава и за артикулација на бугарскиот национален проект. За главно типичен словенски и балкански народ со мали примеси и остатоци од волгарските воени и политички елити, кој во пописите на Отоманската империја во првата половина од 19 век се претставува себе си за Ромеи и Грци, а во исто време од Ромеите е прогласен за вулгарос – Βούλγαροι (но во бугарскиот случај и Волгарос – Βόλγαροι), овој проект беше спасување од турско ропство и беше прифатлив повеќе од сѐ до тој момент.

Бугарскиот проект беше во блага доза и автентичен анти-ромејски, или анти-грчки, во својата суштина, затоа што од грчката црква и културен простор отцепи едно огромно словенско јадро на Балканот и го вклопи во автономно, но и руско политичко и геостратешко пространство.

Оваа поддршка не беше без цена: бугарскиот идентитет се обликуваше според визиите на руската дипломатија, што резултираше со трајни дилеми околу границите на бугарската етничка и културна припадност. Колку повеќе толку подобро, беше логиката на создавање на бугарската нација. Не беше значајно дека во таа синтеза влегуваат теории за наследство од неспојливи народи и култури на Словените, Волгарите, Траките и други.

Целта на Русија беше веќе изгубеното влијание во Грција да го компензира со создавање на една голема словенска држава на Балканот, секако врз парадигма на искористување на линијата на сличноста на балканските словенски народи со братскиот и еднојазичен православен руски народ. Едноставно, Русија сакаше свој излез на топло море.

Српска филозофија: Една вера – еден народ

Српскиот идентитет, од друга страна, се градел низ динамична симбиоза на државност и црковна традиција. Српската православна црква играла клучна улога во зачувување на народната меморија за време на османлиското владеење, но српската држава, особено во 19 и 20 век, настојувала да ги отфрли или маргинализира другите етнички, но посебно и верски групи во рамките на своите култролошки граници. Овој модел на „интеграција преку верска доминација“ доведе до трајни тензии, како што се гледа и денес во односите со Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Српскиот модел во себе не успеа да ги обедини сите елементи на српскиот народ, единствено затоа што во својата изградба го примени ромејскиот модел на желба за создавање на една држава со една вера и со еден народ. Во Грција тој модел успеа од различни да создаде едни, во Србија од едни, истиот модел, создаде различни.

Македонскиот модел, доказ за отсуство на правила

Во овој балкански мозаик, македонскиот народен идентитет останува феномен кој не може лесно да се вклопи во моделите на соседите. Македонската посебност не е резултат на државен инженеринг, ниту на надворешни спонзорства, туку на долготрајна културна резистенција и органска еволуција. Додека соседните држави ги користат државните и црковни институции за да го артикулираат и промовираат својот идентитет, македонскиот народ со векови го градел својот идентитет во услови на отсуство на државност и своја црковност, често под притисок на асимилација и негирање.

Наметнувањето на кој било модел и поимање на народниот или националниот идентитет, а применет од соседите, за македонскиот народ бил и е погубен.

Токму оваа историја на отпор и културна разиграна автономија е нашата најголема сила, но и наш најголем предизвик. Во време кога глобализацијата и регионалните интеграции ги релативизираат традиционалните идентитети, Македонија мора да најде начин да го артикулира својот народен идентитет како вредност што ги надминува тесните рамки на државата. Ова бара нова стратегија – не само заштита, туку и проактивна промоција на македонската култура, јазик и историско наследство на меѓународната сцена.

Култура над и преку границите

Не е само Македонија поделена, денес и македонскиот народ во својата суштина е поделен. Денес има Македонци кои не се како нас, а се Македонци еднакво на нас. И не се дел од само еден супстрат, не се обидувајте да погодувате, затоа што во секој супстрат околу нас ги има.

Ние очигледно немаме историска шанса да ја обединиме Македонија, но имаме историска одговорност да го обединиме македонскиот народ. Ние мораме да покажеме дека не со меч, туку со култура, песни, традиции и наследство можеме да создаваме и обединуваме.

Границите во новиот свет на технолошки секојдневни револуции се само архаизам. Тие нема да бидат проблем за нашето културно зближување.

Примерите од Балканот покажуваат дека идентитетот не е статична категорија, туку динамичен процес кој бара постојана грижа, иновација и самосвест. Нашата задача е да ја надминеме пасивноста и да изградиме интелектуална инфраструктура која ќе биде конкурентна со оние на соседите. Само така, македонската приказна ќе биде слушната и почитувана, не само на Балканот, туку и во светот.

Време е да ја освестиме сопствената вредност и да ја претвориме македонската посебност во пример за креативна и инклузивна национална политика – политика што ќе ги обедини традицијата и современоста, локалното и глобалното, минатото и иднината. Границите не треба да ни бидат граници.

Илија Димовски

Преземено од МКД.мк

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран