Русија се соочува со најинтензивниот и најдолготраен напад со беспилотни летала од почетокот на војната, откако претседателот Владимир Путин одби примирје. Според украински извори, нападите започнале вечерта на 20 мај и траеле речиси непрекинато до утринските часови на 23 мај.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека за време на нападите се соборени вкупно 756 украински дронови. Само во Орловската област биле соборени 197 дронови, во Курската 185, а во Московската 109.
Како резултат на нападите, привремено беше прекинат авионскиот сообраќај на аеродромите во Владимир, Калушка, Кострома, Тамбов, Јарослав, Иваново и Самара, како и на сите големи московски аеродроми: Внуково, Домодедово, Шереметјево и Жуковски. Стотици летови беа одложени, а патниците беа принудени да чекаат со часови.
Мобилниот интернет беше ограничен во шест региони: Тула, Липецк, Вороњеж, Владимир, Орел и Ивановска област. Локалните власти апелираа до граѓаните за разбирање поради прекинот.
Најмалку две важни воени фабрики беа погодени – „БЗПП“ во Орел, каде се произведува микроелектроника за воената индустрија, и фабриката „Енергија“ во Липецк, специјализирана за батерии за дронови, ракети и авиони.
Во нападите се оштетени и две станбени згради – една во Тула, друга во градот Јелец. Лесно повредени се десет лица. Во Курската област, дрон удрил во автопатски мост, додека друг погодил возило на локален политичар – Николај Волобујев, кој со повреди на бутот и раката бил хоспитализиран.
Настаните го подгреваат прашањето за безбедноста на руската внатрешност и способноста за заштита од се поинтензивните украински напади во длабочината на територијата.