Заштитата од сонце важи и за усните – еве зошто не смеете да ја заборавите
Иако редовно нанесуваме крема со заштитен фактор на лицето и телото, усните често остануваат незаштитени – што претставува сериозен ризик, предупредуваат дерматолозите.
Усните се особено чувствителни на штетните УВ-зраци, бидејќи, за разлика од кожата, не содржат меланин – природен пигмент кој ја штити кожата од сончево зрачење. Тоа ги прави подложни на изгореници, сушење, а во некои случаи и на појава на малигни промени.
Како што пишува списанието Byrdie, изложеноста на сонце не само што го зголемува ризикот од рак на кожата, туку доведува и до предвремено стареење. Деликатната кожа на усните е склона кон појава на фини линии, брчки и промени во пигментацијата – состојби кои дополнително се влошуваат под влијание на сончевата светлина.
Каква заштита е потребна?
Експертите препорачуваат користење на балсам или кармин за усни со заштитен фактор, а алтернатива е нанесување крема за лице со SPF и на пределот на усните. Кога купувате производ со SPF, задолжително барајте ознака за „широк спектар“ – што значи дека штити и од UVA и од UVB зраци. Најмалку SPF 15 е препорачан, но повисока заштита секогаш е подобар избор.
Совети за правилна примена
Заштитата треба да се обновува на секои два часа, особено по јадење и пиење, за да се одржи ефективноста. Покрај усните, не смеат да се занемарат ни останатите изложени делови на телото, како лицето, вратот и рацете.
Дополнителна предност на SPF-производите за усни е што најчесто содржат хидратантни состојки, како хијалуронска киселина, церамиди, глицерин, кокосово масло или ши путер – кои помагаат во одржување на мекоста и влажноста на усните.