СВР Битола поднесе кривична пријава против шест лица од Битола, меѓу кои и малолетник, поради сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“.
Според информациите од МВР, пријавените Н.Р. (22), М.И. (19), О.Н. (19), Л.Г. (19), А.Д.В. (18) и 15-годишник, во периодот од февруари 2025 година дејствувале организирано како група.
Како што информираат од полицијата, тие креирале лажни профили на социјалните мрежи и се претставувале како 14-годишно девојче, преку што воспоставувале комуникација со машки лица и договарале средби на различни локации низ Битола.
По доаѓањето на договорените места, според пријавата, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без согласност, навредувани, омаловажувани и психички малтретирани.
Дополнително, тие биле принудувани да даваат изјави дека се „педофили“, по што видеата и нивните лични податоци биле објавувани на социјалните мрежи.
Од МВР наведуваат дека со ваквите постапки кај оштетените биле предизвикани чувство на страв, понижување и нарушување на личната сигурност, а случајот е процесуиран со соодветни кривични пријави.






