55-годишен жител на Конче се здобил со тешки телесни повреди откако тракторот што го управувал излетал од патот и паднал во провалија кај местото Лакавица, на регионалниот пат Дедино–Конче.
Несреќата се случила вчера во периодот меѓу 12:00 и 15:30 часот, кога мажот управувал трактор „Торпедо“ со штипски регистарски ознаки и, според првичните информации, изгубил контрола над возилото.
По пријавата, на местото веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица од Радовиш и Итната медицинска помош, кои учествувале во извлекување на повредениот од тешко пристапниот терен.
Повредениот бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди.
Од полицијата информираат дека по извршените проверки било утврдено дека 55-годишникот управувал трактор без возачка дозвола.
Увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Радовиш, а се работи на целосно утврдување на причините за несреќата.






