ПРВ.мк
Македонија

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ НА МВР: Над 16.000 казни за еден месец – брзото возење најчест прекршок, одземени 238 возила!

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ НА МВР: Над 16.000 казни за еден месец – брзото возење најчест прекршок, одземени 238 возила!

Интензивните сообраќајни контроли спроведени во текот на изминатиот месец резултирале со вкупно 16.885 изречени казни на патиштата низ државата, информира Министерството за внатрешни работи.

Најголем број од санкциите се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, при што биле регистрирани 4.473 прекршоци. Веднаш зад нив се непрописното паркирање со 3.851 санкција, како и користењето мобилен телефон зад волан, за што биле казнети 920 возачи.

Според податоците на МВР, по основ на кривичното дело „безобѕирно управување моторно возило“, санкционирани биле 70 возачи кои управувале под дејство на алкохол, 241 лице биле затекнати без возачка дозвола, а 33 возачи управувале возило и покрај претходно изречена забрана.

Во истиот период, согласно законските одредби, биле одземени 238 возила.

Контролите покажале голем број прекршоци и кај останатите учесници во сообраќајот. Казнети биле 1.281 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, додека 1.584 лица биле санкционирани поради некористење сигурносен појас.

Евидентирани се и 295 прекршоци кај пешаци, а дополнително од сообраќај биле исклучени 240 нерегистрирани возила и уште 83 возила поради техничка неисправност.

Покрај тоа, 55 возачи добиле санкции поради непочитување на правилата за затемнување на стаклата на возилата.

Од Министерството најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајни прекршоци на патиштата.

Најнови вести