ПРВ.мк
Македонија

ГРАЃАНИТЕ ПОД ПРИТИСОК: УЈП испраќа стотици илјади даночни пријави - еве кога е крајниот рок!

ГРАЃАНИТЕ ПОД ПРИТИСОК: УЈП испраќа стотици илјади даночни пријави - еве кога е крајниот рок!

Управата за јавни приходи информира дека завршила со генерирање на годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за остварениот доход во 2025 година, при што се изготвени вкупно 862.896 пријави за граѓаните.

Сите даночни обврзници ќе добијат известување преку нивниот профил во системот „МојДДВ“ или на регистрираната електронска пошта во УЈП. Од институцијата потсетуваат дека секое лице кое остварило приход во текот на 2025 година има обврска да ја провери својата пријава и да потврди дали податоците се точни, да направи корекции доколку има грешки или да додаде приход кој не е прикажан.

Крајниот рок за оваа проверка е 31 мај 2026 година. До тогаш, граѓаните треба да направат увид во своите податоци преку системот „е-Даночни услуги“ на УЈП. Доколку некој не се регистрирал во системот, потребно е тоа да го направи во најкраток можен рок за да може да пристапи до својата даночна пријава.

Од УЈП предупредуваат дека по истекот на рокот, сите пријави кои нема да бидат потврдени или коригирани автоматски ќе се сметаат за конечни.

Доколку граѓаните направат корекција на пријавата, таа мора да биде одобрена од службено лице во УЈП. Во случај кога корекцијата нема да биде прифатена, институцијата ќе издаде решение за утврдување на данокот на личен доход за 2025 година.

Посебно се нагласува и можноста за враќање на преплатен данок. Граѓаните кои имаат повеќе платен данок во пријавата можат да поднесат барање за поврат и да ја внесат својата трансакциска сметка директно во системот.

УЈП истакнува дека проверката на ДЛД-ГДП е важна бидејќи податоците од неа се користат и од други институции при одлучување за права на граѓаните, што значи дека точноста на пријавата може директно да влијае врз административни и социјални права.

Исто така, се потсетува дека лицата кои во 2025 година оствариле доход над 2.000.000 денари од одредени дејности, како изнајмување деловен простор, услуги или продажба на земјоделски производи, можат да имаат обврска за ДДВ регистрација.

Кај оние кај кои ќе се утврди обврска за доплата на данок, по истекот на рокот ќе биде генериран налог за плаќање со фолио број.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат до контакт центарот на УЈП или преку официјалната електронска пошта на институцијата.