Министерството за внатрешни работи спроведе голема координирана акција на територијата на целата држава во борбата против недозволената трговија со дрога, при што биле приведени 13 лица, а полицијата открила наркотични материи и огнено оружје.
Акцијата била реализирана во текот на викендот, како дел од активностите на Работниот тим (Task Force) формиран за сузбивање на криминалните активности поврзани со нелегалната трговија со дрога.
Според информациите од МВР, полициските службеници извршиле 13 претреси на различни локации, направиле 197 контроли на возила и извршиле проверки на 295 лица.
Како резултат на засилените активности, од слобода биле лишени 13 лица за кои постојат сомненија дека се поврзани со недозволени активности.
При претресите и контролите биле пронајдени и одземени 79 пакувања со наркотични материи, како и пиштол „Глок 17“ со соодветна муниција.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека акциите против недозволената трговија со дрога ќе продолжат и во наредниот период со уште посилен интензитет.
Целта на овие активности, како што велат од МВР, е откривање на сторителите, разбивање на криминалните мрежи кои се занимаваат со нелегална трговија и создавање побезбедна средина за граѓаните.







