Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, објави важна промена која ќе ги зафати пензионерите, студентите и лицата во социјален ризик. Според него, од 1 јануари 2026 година стапува на сила новиот Закон за работно ангажирање, кој овозможува овие категории лица да работат формално, без да ги изгубат социјалните и здравствените придобивки кои ги имаат стекнато.
„Од 1 јануари стапува на сила Законот за работно ангажирање со кои се овозможува дополнително да работат пензионерите, студентите и лицата во социјален ризик, без да ги загубат стекнатите социјални и здравствени придобивки“, истакна Ристески преку социјалните мрежи.
Оваа промена се очекува да овозможи поголема економска активност на овие групи, да им даде можност за дополнителен приход и истовремено да обезбеди правна сигурност, со оглед на тоа што формалниот ангажман нема да влијае врз нивните права од пензија, студирање или социјална заштита.
Според министерството, овој закон е дел од пошироките напори на државата за зголемување на вработливоста, поддршка на ранливите групи и создавање услови за поголема финансиска независност на пензионерите и студентите.

















