Голема меѓународна полициска операција против сајбер-криминалот откри илјадници случаи на интернет измами ширум светот, а во акцијата учествуваше и Министерството за внатрешни работи на Македонија.
Операцијата „FIRSTLIGHT 2026“, координирана од Интерпол, беше насочена кон откривање и спречување на онлајн измами, како и нелегални финансиски трансакции поврзани со перење пари.
Во акцијата, која се спроведувала од 15 јануари до 30 април 2026 година, учествувале полициски и други надлежни институции од 97 држави и територии, меѓу кои и Македонија преку Секторот за компјутерски криминал и Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР.
Според информациите од македонското МВР, главна цел на операцијата било сузбивање на измами базирани на таканаречен „социјален инженеринг“, односно техники со кои криминалците ја злоупотребуваат довербата на луѓето и компаниите за да дојдат до пари или чувствителни податоци.
Во оваа група измами спаѓаат лажни електронски пораки од наводни компании или институции, кражба преку компромитирани деловни е-пошти, инвестициски измами, лажни романтични врски, претставување како друго лице, како и други видови дигитални измами.
Во текот на операцијата биле преземени низа координирани активности меѓу полициите од различни земји – од размена на оперативни информации и претреси, до блокирање банкарски сметки и замрзнување средства на виртуелни паричници.
Резултатите од акцијата покажуваат голем обем на откриен криминал. На глобално ниво биле постигнати следните резултати:
- 5.811 лица биле уапсени;
- повеќе од 142.000 жртви биле идентификувани;
- анализирани биле 152.808 случаи;
- расчистени биле 23.715 предмети;
- идентификувани биле 15.606 осомничени лица;
- блокирани биле 31.014 банкарски сметки;
- спречено било префрлање на околу 293 милиони американски долари стекнати преку криминал;
- издадени биле 99 известувања и меѓународни предупредувања преку Интерпол.
Од МВР посочуваат дека учеството во вакви меѓународни операции е особено важно поради фактот што интернет криминалот сè почесто се извршува преку организирани мрежи кои дејствуваат во повеќе држави.
„Министерството ќе продолжи активно да соработува со Интерпол и меѓународните партнери во откривањето, спречувањето и гонењето на сторителите на онлајн измами, како и во заштитата на граѓаните од сè пософистицираните форми на дигитален криминал“, соопшти МВР.
Надлежните предупредуваат дека граѓаните и компаниите треба да бидат особено внимателни при споделување лични податоци, отворање сомнителни пораки и уплати кон непроверени интернет страници, бидејќи измамниците сè почесто користат напредни методи за манипулација.






