Илјадници граѓани излегоа на улиците во Љубљана на протест на кој беа упатени барања Словенија да го напушти НАТО и да ја промени својата надворешна и безбедносна политика.
Демонстрантите носеле различни транспаренти со пораки против Алијансата и зголемувањето на воените издвојувања. Меѓу пораките можеле да се видат натписи како „НАТО = мочуриште“ и „Повеќе не сакаме да сме робови на НАТО“, како и барања за воведување санкции кон САД и Израел и пренасочување на средствата за одбрана кон јавните услуги.
На протестот биле изразени и критики кон актуелната политика на Словенија кон Израел, особено по најавите за обновување на односите меѓу двете земји.
Една од организаторките на протестот, Тара Маслаковиќ, изјавила дека зголемувањето на трошоците за вооружување не треба да се оправдува со повици за мир и безбедност.
„Тие се обидуваат да го оправдаат зголемувањето на трошоците за одбрана и вооружување со љубовта кон мирот и безбедноста. Нема да бидеме обврзани со нивните лаги“, изјавила таа.
Според неа, и претходната словенечка влада, иако јавно изразувала поддршка за Палестина, продолжила со одредени економски и академски врски со Израел, додека актуелната влада, според нејзините ставови, има уште поинаков пристап во надворешната политика.
Протестот се одржа непосредно по самитот на НАТО во Анкара, каде лидерите разговараа за поддршката за Украина и планот земјите членки да ги зголемат издвојувањата за одбрана до пет проценти од бруто-домашниот производ до 2035 година.
Словенија во моментов издвојува помалку од два проценти од БДП за одбраната. Премиерот Јанез Јанша најави дополнителни инвестиции од околу 300 милиони евра за одбранбениот сектор со цел исполнување на обврските кон НАТО.
Во јавноста веќе подолго време се води дебата за членството на Словенија во Алијансата. Претседателот на словенечкиот парламент, Зоран Стевановиќ, уште во април најави можност за организирање референдум за излегување од НАТО, а неодамна оцени дека локалните избори наесен би можеле да бидат погоден период за такво изјаснување.
Засега нема официјална одлука за распишување референдум, а темата останува предмет на политички и јавни дебати во Словенија.








