ПРВ.мк
Балкан

БЕГАЛЦИ ОД ПРАВДАТА ПАДНАА ВО АЛБАНИЈА: Двајца Македонци барани од Интерпол за тешки кривични дела уапсени во Драч!

БЕГАЛЦИ ОД ПРАВДАТА ПАДНАА ВО АЛБАНИЈА: Двајца Македонци барани од Интерпол за тешки кривични дела уапсени во Драч!

Меѓународна полициска акција во Албанија резултираше со апсење на две лица кои биле барани од македонските власти преку Интерпол за сериозни кривични дела.

Албанската полиција информираше дека е завршена операцијата со кодно име „Бес“, во рамки на која во градот Драч биле лишени од слобода двајца државјани кои се наоѓале на меѓународни потерници издадени по барање на Северна Македонија.

Според официјалните информации, уапсени се М.Џ. (26), роден во Скопје, и С.Н. (34), роден во Норвешка.

Албанските власти соопштија дека за овие лица Интерпол распишал меѓународни потерници поради сомневање за вмешаност во повеќе тешки кривични дела, меѓу кои убиство, нанесување повреди, нелегално поседување оружје и дела поврзани со криминална организација.

При полицискиот претрес кај осомничените биле пронајдени документи за идентификација за кои постои сомнение дека се фалсификувани.

Според албанската полиција, постојат индиции дека документите биле користени за движење и патување надвор од Македонија, со цел лицата да го избегнат соочувањето со правосудните органи.

Во рамки на истата акција бил уапсен и македонски државјанин со иницијали Џ.Р. (26), за кого постојат сомненија дека им помогнал на бараните лица да обезбедат лажни документи.

Тој е осомничен за кривичните дела „помагање на сторител на кривично дело“ и „фалсификување исправа“, бидејќи, според истрагата, им обезбедил документи со сомнително потекло.

При претресот на неговиот стан, полицијата пронашла и одземала мала количина материја за која постои сомнение дека е наркотична супстанца.

Од албанската полиција наведуваат дека операцијата била резултат на координирана соработка меѓу повеќе институции, вклучително и специјализираните единици на албанската полиција, македонските безбедносни служби и меѓународните партнери.

Акцијата ја спровела Дирекцијата за специјални операции при Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Полициската управа во Драч, надлежните служби од Македонија и партнерите од Службата за дипломатска безбедност (ДСБ) при амбасадите на САД во Тирана и Скопје.

По апсењето, се очекуваат понатамошни правни процедури за екстрадиција и постапување според барањата на македонските институции.