Необичен случај регистрирала тетовската полиција откако 28-годишен жител на Тетово, според МВР, лажно ги пријавил сопствените баба и дедо дека од неговиот дом му украле околу 3,5 милиони денари, односно приближно 57.000 евра.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.М.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“ во врска со кривично дело „кражба“.
Според информациите од полицијата, на 3 март годинава 28-годишникот дошол во СВР Тетово и пријавил дека два дена претходно, на 1 март, од неговиот дом исчезнала голема сума пари.
Како лица кои наводно ги одзеле парите, тој ги посочил сопствените баба и дедо, тврдејќи дека станува збор за околу 3.500.000 денари.
Меѓутоа, по преземените мерки од страна на полицијата било утврдено дека пријавата била лажна.
Поради тоа, наместо неговите баба и дедо, сега 28-годишниот тетовец се соочува со кривична пријава за лажно пријавување на кривично дело.







