По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, на терен е констатирано дека е угинат рис на патниот правец меѓу Ресен и Охрид, информираа од Македонско еколошко друштво (МЕД).
Од МЕД посочуваат дека е во тек координирана акција со Министерство за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво, со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје, каде ќе биде извршена обдукција.
Овој случај повторно ја отвора загриженоста за состојбата на Балкански рис, критично загрозен подвид, од кој се проценува дека во природата останале околу 50 единки.
Од еколошките организации посочуваат дека ваквите настани се сериозен аларм за потребата од системско планирање на инфраструктурата, вклучително и изградба на таканаречени „зелени мостови“ и премини за дивеч, со цел животните безбедно да се движат и да ги надминуваат бариерите создадени од сообраќајниците.

















