Во Радовиш и околината полицијата лиши од слобода дилер и четворица корисници кај кои била пронајдена марихуана.
Според МВР, синоќа во 21:55 часот, во село Бучим, радовишко, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Радовиш ги лишиле од слобода:
- Е.С. (36) од село Бучим,
- М.Р. (29) и Б.У. (24), двајцата од Радовиш.
Лицата биле затекнати во паркирано патничко возило „Форд“ со радовишки регистарски ознаки додека вршеле купопродажба на марихуана. Кога полицијата им пристапила, Е.С. на подот од возилото фрлил повеќе пакувања со марихуана, кои биле пронајдени и одземени.
Во службен разговор во Полициската станица Радовиш, М.Р. и Б.У. признале дека марихуаната ја купувале од Е.С..
Истиот ден, во 19:20 часот, на влезот во Радовиш, полицијата ги лишила од слобода и Ј.А. (24) и М.У. (28), двајцата од Радовиш. При преглед во такси возило, кај нив била пронајдена марихуана.
Ј.А. и М.У. признале дека дрогата ја купиле од Е.С. од село Бучим.
За случаите е известен јавен обвинител, а по целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави, наведуваат од МВР.

















