Македонија повторно се подготвува за силен топлотен бран, а според најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во првата декада од август во одредени делови од земјата температурата ќе достигне и до 40 степени Целзиусови.
Според метеоролозите, утрешниот ден ќе биде претежно сончев и топол, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, но тоа нема значително да го намали чувството на жештина во текот на денот.
Утринските температури ќе бидат најниски во Берово, каде се очекуваат околу 11 степени Целзиусови. Во текот на денот, најтопло ќе биде во Гевгелија и Велес, каде живата во термометарот ќе достигне до 38 степени.
Во главниот град Скопје ќе преовладува сончево и топло време, проследено со слаб ветер од променлив правец. Максималната дневна температура ќе достигне околу 35 степени Целзиусови.
Од УХМР предупредуваат дека во следните денови над регионот ќе се задржи топла воздушна маса, што ќе донесе стабилно, сончево и многу топло време. Највисоките температури се очекуваат во првата декада од август, кога во поединечни региони на Македонија локално ќе бидат измерени и до 40 степени Целзиусови.
Поради најавените екстремно високи температури, надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките за заштита од горештините. Се советува да се избегнува престој на директно сонце во најтоплиот дел од денот, да се внесуваат доволно течности, да се носи лесна и светла облека и посебно внимание да се посвети на децата, постарите лица и хронично болните, кои се најранливи за време на топлотните бранови.







