По три дена жестоки дебати, Собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево го заврши општиот претрес за Предлог-буџетот за 2026 година. Поднесени се повеќе од 100 амандмани, а расправата за нив ќе продолжи утре, веднаш по закажаната пленарна седница, потврди претседателката на Комисијата, Јованка Тренчевска.
Во текот на расправата, ставовите меѓу власта и опозицијата останаа остро спротивставени. Пратениците од владејачкото мнозинство тврдат дека буџетот е развоен, реален и креиран врз основа на економски раст, силна реализација на проекти и стабилни приходи. Според нив, со предложените мерки ќе се овозможат повисоки плати, пензии, нови градинки и училишта, подобра инфраструктура, дигитализација и капитални инвестиции.
Опозицијата со сосема спротивен став. Тие сметаат дека буџетот е нереален, социјален, неразвоен и дека нема да донесе конкретно подобрување на животниот стандард. Укажуваат дека јавниот долг ќе се зголеми, а капиталните инвестиции – намалени.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, истакна дека буџетот содржи силна развојна компонента и претставува база за економска стабилизација. Според него, бројките покажуваат дека има напредок, бидејќи приходите се планирани на 374,7 милијарди денари, а расходите на 414 милијарди, со дефицит од 3,5 проценти од БДП. Јаревски додаде дека Фискалниот совет првпат констатирал знаци на фискална консолидација, а и ММФ и Светска банка ги зголемиле очекувањата за раст.
Но, од СДСМ – жестока реакција. Фатмир Битиќи праша како може буџетот да биде развоен ако, како што посочи, Европската комисија констатирала дека до средината на ноември капиталната реализација е само 46 проценти. Тој додаде дека најавеното зголемување на платите од 7 проценти не е реформа, туку само усогласување со минималната плата.
Димитар Ковачевски исто така го критикуваше Предлог-буџетот, велејќи дека 91 проценти од расходите се потрошувачки, без развојна функција. Тој предупреди дека капиталните инвестиции се намалени за седум милијарди денари споредено со последниот ребаланс, а Владата, како што рече, ги користи средствата за социјален мир, наместо за развој.
Од власта возвратија со критики дека токму опозицијата кога управувала со финансии, го зголемила јавниот долг.
Во прилог на владиниот став беа наведени и податоци од Европската комисија, според кои бруто-инвестициите ќе бидат клучен двигател на економскиот раст во 2025 година, додека приватните инвестиции веќе се зголемуваат преку кредитни линии и подобрување на деловниот амбиент.
Според официјалните бројки, за следната година се планирани:
- Вкупни приходи: 374,7 милијарди денари
- Расходи: 413,9 милијарди денари
- Капитални инвестиции: 40,5 милијарди денари (650 милиони евра)
- Економски раст: 3,8 %
- Инфлација: 2,5 %
- Буџетски дефицит: 3,5 % од БДП
Расправата продолжува утре, а исходот ќе биде од клучно значење за финансиската и економската динамика на државата во 2026 година.
















