Македонија се наоѓа во фаза на најобемни инфраструктурни инвестиции досега, а тоа беше потврдено и од вицепремиерот Александар Николоски на економскиот форум во Виена. Тој истакна дека државата активно ги реализира клучните проекти на транспортните Коридори 8 и 10, со цел да се подобри регионалното поврзување, економската стабилност и логистиката во цела Југоисточна Европа.
Николоски го потенцираше стратешкото значење на Македонија, која иако нема излез на море, се наоѓа на најдолгиот паневропски транспортен правец – Коридорот 10. Овој коридор се протега од грчката Атина и завршува во Финска, создавајќи директна врска на Југоисточна Европа со северозападниот дел од континентот.
Покрај тоа, огромна важност има и Коридор 8, кој го спојува Јадранското и Јонското Море со Црното, претставувајќи клучен източно-западен транспортен правец во регионот и основа за економска, логистичка и геополитичка интеграција.
РЕКОРДНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ПАТИШТА И ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ
Во рамките на Коридорот 8 се градат и модернизираат автопатски делници од албанската до бугарската граница, со што ќе се намали времето на патување и чекањето на премините. Вредноста на овие проекти достигнува околу 1,5 милијарди евра.
Во делот на Коридор 10, Николоски го најави најголемиот автопат изграден во државата – околу 55 километри долг. Според проценките, овој премин ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за најмалку три часа, намалувајќи го вкупното време на пет до пет и пол часа.
НАЈГОЛЕМИОТ ЖЕЛЕЗНИЧКИ ПРОЕКТ ВО РЕГИОНОТ: БРЗА ЖЕЛЕЗНИЦА СО ИНВЕСТИЦИЈА ОД 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА
Истовремено започнува и изградбата на брзата железница на Коридор 10, во партнерство со Обединетото Кралство. Проектот тежок околу 2 милијарди евра ќе започне напролет и треба да заврши до 2031 година.
Новата железничка линија ќе овозможи патнички возови со брзина до 250 км/ч, додека товарните ќе се движат со до 140 км/ч. Очекувањата се дека државата ќе остварува до 120 милиони евра годишен приход од транзит, што е десеткратно зголемување во однос на сегашните приходи.
Неофицијалните услови од договорот со британската влада засега остануваат доверливи, но Николоски изрази уверување дека ќе бидат оценети како поволни.
ЖЕЛЕЗНИЧКО ПОВРЗУВАЊЕ СО БУГАРИЈА И ПРЕМА ЈОНСКОТО МОРЕ
Дополнително, договорено е и железничко тунелско поврзување со Бугарија. Од три делници на македонска страна, една е веќе пуштена, втората ќе биде готова до октомври следната година, а за третата се очекува распишување тендер во декември. Заедно со бугарската страна, вложувањата во ова поврзување достигнуваат околу 2 милијарди евра.
Целта е до 2031 година да биде воспоставена стабилна линија Скопје–Софија–Бургас, со можност за проширување кон Јонското Море, зависно од динамиката на инфраструктурните проекти во Албанија.
















