Цените на храната на светските пазари продолжија да паѓаат и во декември, што е четврти последователен месец на намалување, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО. Падот е резултат на значително поевтинување на млекото, млечните производи и месото, што го надмина растот кај житарките и шеќерот.
Иако декемврискиот пад бил нешто поблаг од оној во ноември, трендот на стабилизирање на цените е јасен. Сепак, на годишно ниво сликата е поинаква – во текот на целата 2025 година, основните прехранбени производи во просек биле за 4,3 проценти поскапи во споредба со претходната година.
Најголемо поевтинување во декември е забележано кај млекото и млечните производи, чиј индекс паднал за 4,4 проценти. Главната причина е наглото намалување на цените на путерот, поради сезонската зголемена понуда на крем во Европа. И месото бележи пад – цените се намалиле за 1,3 проценти, со посебно поевтинување на говедското и живинското месо.
Растителните масла, иако минимално, исто така поевтиниле во декември – за 0,2 проценти. Цените на соиното, сончогледовото и маслото од репка се најдоа на најниско ниво во последните шест месеци. Но, на годишно ниво, токму оваа група производи е најголемиот „победник“, со раст од дури 17,1 процент, поради намалената глобална понуда.
Од друга страна, житарките во декември значително поскапеле – за 1,7 проценти, поради стравувања за снабдувањето со пченица од регионот на Црното Море, зголемената побарувачка за пченка и растот на производството на етанол во Бразил и САД. Сепак, во текот на целата 2025 година, житарките биле во просек за 4,9 проценти поевтини отколку во 2024 година, достигнувајќи најниски цени од 2020 година наваму.
Шеќерот, пак, во декември повторно поскапел – за 2,4 проценти на месечно ниво, главно поради падот на производството во клучните јужни региони на Бразил, по силниот пад што беше забележан во ноември.
Податоците на ФАО покажуваат дека иако цените на храната краткорочно се смируваат, пазарот и понатаму останува чувствителен на глобалните понуда, временските услови и геополитичките случувања.
















