ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против 27-годишниот Ѓ.К. од Кавадарци поради сомнение дека употребил фалсификувано свидетелство за завршено основно образование, со намера да го приложи во автошкола и да полага возачки испит.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, против него постојат основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 4 јуни 2026 година, 27-годишникот во нотарска канцеларија во Кавадарци приложил за заверка свидетелство за завршено основно образование, наводно издадено од основно училиште во Скопје.
Полицијата се сомнева дека документот бил фалсификуван, а неговата намера била завереното свидетелство потоа да го употреби при запишување во автошкола за да може да полага возачки испит.
По документирањето на случајот, ОВР Кавадарци поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци.







