По повод годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, денеска ќе се одржат верски и меморијални активности во чест на жртвите.
Со почеток од 8:00 часот во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржи литургија, а во 9:30 часот е предвиден општ парастос за упокоените во пожарот. Чиноначалствуваат Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, како и митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.
Во рамки на одбележувањето, утре се предвидени повеќе спортски и културни настани:
- Рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип – Кочани во чест на загинатите.
- Првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на релација Пониква.
- Кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата во спортската сала кај Гимназијата во Кочани.
Централното одбележување ќе се одржи на 16 март пред објектот „Пулс“ со настанот „Светлина што останува“, а во Паркот на револуцијата ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ и муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите.
Во пожарот што се случи на 16 март 2025 година во 02:35 часот, загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.


















