Невработените граѓани кои сакаат да започнат сопствен бизнис повторно добиваат можност да аплицираат за неповратна финансиска поддршка преку програмата „Самовработување“ за 2026 година. Јавниот оглас веќе е објавен, а пријавувањето ќе трае до 3 јули во подрачните центри на Агенцијата за вработување.
Со програмата, младите лица до 29 години можат да добијат грант во висина до 10.000 евра, додека за останатите невработени поддршката изнесува до 7.000 евра. Целта е да се поттикне отворањето на нови бизниси и да им се помогне на лицата кои имаат добра деловна идеја, но немаат доволно почетен капитал.
Средствата не се исплаќаат како готовина за тековни трошоци, туку се наменети за набавка на опрема и материјали предвидени во бизнис-планот. На овој начин се обезбедува финансиската поддршка директно да придонесе за започнување и развој на новата дејност.
Програмата предвидува и можност двајца невработени заеднички да основаат компанија, при што секој од нив може да добие финансиска поддршка согласно условите на повикот.
Сите кандидати ќе треба да посетат задолжителна обука за претприемништво, да изработат бизнис-план, а дел од нив ќе добијат и менторска поддршка во првите шест месеци по отворањето на фирмата.
Право на учество немаат лицата кои претходно користеле ваква мерка, како и одредени дејности кои се исклучени од програмата, меѓу кои класичното земјоделство, такси-превозот, производството на оружје, игрите на среќа и финансиските дејности.
Пријавувањето се врши во центрите за вработување секој работен ден, а рокот за доставување на апликациите истекува на 3 јули.









