Приватната здравствена установа „Европска очна болница“ од Скопје денеска излезе со официјална реакција по вчерашната полициска акција поврзана со сомнежите за финансиски злоупотреби и двојно наплаќање на операции на очи. Од болницата ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека во медиумите биле објавени низа невистинити информации, а воедно најавуваат целосна соработка со надлежните институции.
Во соопштението, болницата категорично негира дека некогаш оштетила пациент, без разлика дали станува збор за здравствен, морален или финансиски аспект.
„Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект“, наведуваат од „Европска очна болница“.
Од установата посочуваат дека веќе повеќе од една година функционираат без поддршка од Фондот за здравствено осигурување, но и покрај тоа успеале да го задржат квалитетот на медицинските услуги и да ги одржат цените достапни за пациентите.
Истовремено, упатуваат повик до медиумите да им овозможат на надлежните институции непречено да ја завршат својата работа и да ги утврдат сите околности поврзани со случајот.
Истрага за сомнежи за двојна наплата и милионска штета
Реакцијата на болницата доаѓа еден ден откако Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против 11 физички лица и едно правно лице. Во рамки на полициската акција беа приведени осум лица.
Според сомнежите на истражните органи, одредени медицински интервенции биле наплаќани на два начина – преку Фондот за здравствено осигурување и директно од пациентите. На тој начин, според истрагата, постои сомнение дека биле создадени финансиски последици за Фондот, но и дека биле оштетени голем број пациенти.
Проценетата штета за ФЗО изнесува околу 1,7 милиони евра, додека сомнежите за противправно стекната имотна корист достигнуваат приближно 4,25 милиони евра. Според досегашните проценки, потенцијално оштетени би можеле да бидат меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.
Во меѓувреме, според неофицијални информации, на Билал Кара, кој е поврзан со раководството на болницата, му бил одземен пасошот и му биле определени мерки на претпазливост.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера изјави дека истрагата била покрената поради неправилности утврдени во работењето на здравствената установа во периодот кога тој бил на чело на Фондот за здравствено осигурување.
Случајот продолжува да се истражува, а наводите за финансиски злоупотреби, како и евентуалната одговорност на пријавените лица, треба да бидат утврдени во понатамошната постапка.




