Според најновите прогностички модели, претстојната зима 2025/2026 ќе биде потопла за еден до два степени во споредба со тридеценискиот климатски просек. Сепак, тоа не значи дека ќе помине без студени периоди – напротив, Ла Ниња феноменот, кој моментално е активен над Пацификот, може повремено да донесе пониски температури и обилни врнежи од снег.
Ла Ниња е природен ладен климатски феномен кој влијае на глобалните временски шеми. Кога е активна, таа често предизвикува нестабилни атмосферски услови – во некои делови на светот донесува суша, а во други – студени бранови и врнежи. Во нашиот регион, тоа најчесто значи потопла, но поснежна зима, со можни периоди на кратки, но интензивни заладувања.
Метеоролозите истакнуваат дека иако оваа зима нема да биде „зимата на векот“, сепак не треба да се очекува дека ќе помине без снег. Во планинските предели се предвидуваат надпросечни снежни врнежи, додека во ниските делови и градовите снегот ќе биде пореток, но повремено обилен.
Според долгорочните анализи, јануари и февруари би можеле да донесат краткотрајни студени бранови, додека декември најверојатно ќе биде помек и нестабилен, со чести промени на температурата и врнежи од дожд и снег.
Иако просечните температури ќе бидат повисоки, експертите предупредуваат дека наглите временски промени ќе бидат почести, па граѓаните треба да бидат подготвени и за топли денови, и за ненадејни заладувања со снег и мраз.
Во заклучок – зимата ќе биде релативно блага, но динамична, со повеќе снег отколку минатата година, благодарение на влијанието на Ла Ниња, која повторно ја враќа вистинската зимска атмосфера во регионот.
















