Гитаристот Горан Тонев, кој беше дел од настапот на групата „ДНК“ во ноќта на трагичниот пожар на 16 март 2025 година, повторно се враќа на музичката сцена по долг период на закрепнување и лична борба.
По месеци тешко лекување и рехабилитација, Тонев ја објави новата песна „Да си со мене“, која носи силен емотивен набој бидејќи е снимена непосредно пред трагичните настани што му го променија животот.
Младиот музичар преживеа сериозни повреди во несреќата и подолго време се лекуваше, прво во Скопје, а потоа и во Солун. Според неговите претходни сведоштва, токму во Грција медицинскиот персонал му пружил интензивна и посветена нега, особено поради тешките последици од изгореници на дишните патишта.
По долгата борба со здравствените компликации, тој успеал да се опорави и повторно да застане на нозе, што го означува и неговото постепено враќање кон музиката.
Во емотивна објава на социјалните мрежи, Тонев открива дека долго време не бил подготвен да ја сподели песната со јавноста.
„Песната ја снимивме само неколку дена пред да се промени сè. Остана необјавена, како дел од мене што не бев подготвен да го отворам пред другите“, напишал тој.
Тој додава дека чувствува благодарност што добил нова шанса во животот и дека токму оваа композиција го означува неговото враќање на сцената, но и личен пресврт по трагичните настани.
На музичкиот проект работеле повеќе автори. Аранжманот е на Јордан Манов, текстот е дело на Весна Малинова, додека видеото за песната го изработил Стефан Катранџиски.
Објавата на песната предизвика голем интерес и емоционални реакции кај публиката, особено поради тешката позадина и трагичните околности поврзани со настаните од кои произлегува овој музички проект.







