Скопското основно училиште „Љубен Лапе“ од населбата Аеродром, каде што учел трагично починатиот Владимир Блажев – Панчо од дуото ДНК, со длабоко емотивна порака се прости од својот поранешен ученик, кој го одбележа македонскиот музички простор, но и остави трага со својата хуманост и човечност.
„Како колектив изразуваме длабоко жалење за веста која со неверување ја примивме денес – нашиот поранешен ученик Владимир Блажев – Панчо од дуото ДНК почина, скоро седум месеци по трагедијата во Кочани, каде што се здоби со сериозни изгореници и повреди,“ стои во објавата.
Од училиштето велат дека Панчо и ДНК секогаш биле пример за несебичност, особено кога станувало збор за помош на најмладите. Во своето проштално писмо тие посочуваат дека децата биле приоритет на ДНК, а нивниот придонес за хуманитарни активности никогаш не бил условен или ограничен.
„Овој пост му го посветуваме нему, а преку него освен длабоко жалење сакаме да ја изразиме и нашата благодарност и чест што ги познававме и што имавме чест да соработуваме со членовите на бендот ДНК – прекрасни хумани луѓе кои секогаш несебично учествуваа во сé што значеше да се помогне некому,“ пишува училиштето.
„Вечна им слава,“ завршува пораката која сведочи за влијанието што Панчо го имал не само како уметник, туку и како личност која оставила длабока трага во срцата на многумина.
Панчо почина речиси седум месеци по страшната експлозија во Кочани, каде што се здоби со тешки повреди и изгореници. Веста за неговата смрт ја потресе целата јавност, а бројни пораки на сочувство пристигнаа од музичката сцена, пријатели, фанови и граѓани од сите делови на Македонија.