МВР поднесе кривична пријава против четири лица и едно правно лице од Трубарево поради загрозување на животната средина со незаконско складирање на опасен отпад. Според полицијата, станува збор за сериозна еколошка катастрофа што ја нарушила почвата и воздухот, со директна опасност по здравјето на жителите.
Осомничените, на возраст од 26 до 59 години, спротивно на законот складирале и фрлале електронски и електрични уреди, батерии, акумулатори и тонери на катастарска парцела во Трубарево. Еден од нив, раководител на подружница, ја организирал целата операција, додека друг без формален ангажман се грижел за понатамошното сортирање и обработка на отпадот.
На 13 септември дојде до пожар кој го зафати објектот и големи количини електронски отпад, ослободувајќи огромни количества чад, пепел и токсични гасови. Мерењата на Армијата и Државниот инспекторат за животна средина покажале екстремно високо ниво на загаденост на воздухот, алармирајќи за сериозни ризици по здравјето на населението.