Куманово се подготвува за 28. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, еден од најзначајните културни настани во Македонија. Оваа година, престижната награда „Васил Иљоски“ за 2025 година ѝ припадна на нашата врвна актерка Весна Петрушевска, како признание за нејзиниот извонреден придонес во театарската уметност и особено во областа на комедијата.

По повод ова големо признание, градоначалникот на Куманово оствари средба со Петрушевска, на која присуствуваа и претставници од Театар Куманово, Советот на фестивалот, НУЦК „Трајко Прокопиев“ и општинската администрација.
Овогодишното издание носи 11 претстави од домашна и странска продукција, кои ќе ја исполнат публиката со смеа и квалитетна уметност. Фестивалот, кој со години ја гради својата традиција, повторно ја потврдува улогата на Куманово како град на културата и театарот.

Општина Куманово, во соработка со Министерството за култура и туризам, и оваа година стои зад манифестацијата, обезбедувајќи поддршка за развој на културниот живот и зачувување на културната традиција.
Љубителите на комедијата ги очекуваат незаборавни фестивалски вечери исполнети со уметност, смеа и позитивна енергија.