Европскиот парламент даде зелено светло за ново правило кое може целосно да го смени начинот на патување низ Европа – задолжителен бесплатен рачен багаж до 7 килограми! Но, внимавајте – сѐ уште не е официјален закон.
Според предлогот, секој патник би имал право на една торба до 7 кг, плус мал личен предмет под седиштето. Целта е да се воведе еднообразно правило, бидејќи денес секоја авиокомпанија си поставува свои ограничувања.
Сепак, предлогот треба да помине уште неколку фази, вклучувајќи и преговори со Советот на ЕУ и Европската комисија. Нискобуџетните компании веќе реагираат – тврдат дека ова може да значи повисоки цени на билетите, дури и за оние кои патуваат само со малку багаж.
Оваа иницијатива се потпира на одлука од Европскиот суд од 2014 година, според која рачниот багаж е неопходен за патникот – но тогаш не беше прецизирана тежина или големина.
Ако правилото биде конечно усвоено, тоа би значело универзално правило од 7 кг за бесплатен рачен багаж. До тогаш – проверувајте си ги политиките на авиокомпаниите пред секое патување!














