Опсадна состојба владее во Провиденс, главниот град на американската сојузна држава Род Ајленд, по масовното пукање што се случи на престижниот Универзитет „Браун“. Полицијата официјално потврди дека во нападот загинале двајца студенти, додека уште девет лица се ранети, од кои повеќето се во тешка здравствена состојба. Напаѓачот, и покрај масовната полициска акција, сè уште не е пронајден.
Инцидентот се случил во зградата на Инженерскиот факултет, каде што во 16:05 часот по локално време бил примен првиот повик до службите за итна помош. За само неколку минути, кампусот бил преплавен со полициски возила, специјални единици и амбулантни возила, а пошироката околина била целосно блокирана и ставена под строг безбедносен надзор.
Потрага по осомничениот во темна облека
Градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, на итна прес-конференција изјави дека опасноста не е завршена и апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни. „Лицето одговорно за нападот сè уште е на слобода“, нагласи Смајли.
Полицијата објави и кратка видеоснимка од безбедносните камери на која се гледа осомничениот. Според досегашниот опис, станува збор за маж на возраст од околу 30 години, облечен целосно во темна облека, кој по пукањето пеш се оддалечил и свртел зад еден агол во близина на кампусот. Во текот на истрагата било приведено едно лице, но истото било брзо ослободено откако било утврдено дека нема никаква поврзаност со нападот.
Кампусот под целосен карантин
Универзитетот „Браун“ веднаш беше ставен под целосен карантин. На студентите им беше наредено да останат во своите соби, да се заклучат и да не излегуваат додека трае потрагата по напаѓачот. Слични препораки беа упатени и до жителите на околните населби, додека безбедноста низ целиот град е подигната на највисоко можно ниво.
Претседателката на Универзитетот „Браун“, Кристина Х. Паксон, потврди дека сите загинати и повредени во саботната пукотница биле студенти. Таа го нарече настанот „незамисливо трагичен ден“ за универзитетската заедница и истакна дека приоритет е безбедноста на сите присутни на кампусот.
Тешка состојба на повредените и одложени испити
Паксон информираше дека едно лице веќе е отпуштено од болница. Од осумте студенти кои сè уште се хоспитализирани, шест се во критична, но стабилна состојба, еден е во критична состојба, а еден е во стабилна здравствена состојба. Полицијата продолжува со евакуација и обезбедување на студентите, додека истрагата е во тек.
Како последица на трагичниот настан, раководството на универзитетот донесе одлука сите испити закажани за денес да бидат одложени, додека кампусот останува затворен до понатамошно известување.
















