Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, ја имаше својата американска премиера на престижниот филмски фестивал „Трајбека“ во Њујорк, со што стана прво македонско остварување вклучено во програмата на овој реномиран настан.
Проекцијата се одржа пред преполна публика во срцето на Менхетен, а филмот беше пречекан со големо внимание и позитивни реакции. По прикажувањето следуваше долга сесија со прашања и одговори, при што гледачите упатија бројни пофалби за режисерката и нејзиниот пристап во создавањето на филмот.
Особен интерес предизвика начинот на кој Дина Дума работела со актерската екипа и автентичноста што ја пренесува приказната. Ова е нејзин втор долгометражен игран филм, по успешното деби со „Сестри“.
Филмот е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а продуцентка е Лабина Митевска. Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула, додека сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.
Проектот е меѓународна копродукција помеѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, поддржан од повеќе европски и национални филмски фондови. Со оваа премиера, македонската кинематографија доби уште едно значајно признание и силна промоција на светската филмска сцена.










