Судот денеска изрече доживотни казни затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, поради грабнување и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Судскиот совет го ослободи од обвиненија таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, оценувајќи дека нема докази за негова вина.
Според обвинението, групата го киднапирала Панче Жежовски за да го искористи неговото возило за грабнување на Вања, со намера да побараат откуп од нејзиното семејство. Двете жртви беа пронајдени мртви во декември 2023 – Панче кај Велес, а Вања во близина на Скопје.
Во текот на судењето, сите обвинети негираа вина и побараа ослободување. Палевски тврдеше дека Велибор Манев бил организаторот, Видевски директен извршител, а Кешишев чувал стража. Манев пак, изјави дека оружјето и моторолите биле сокриени по налог на Палевски. Видевски рече дека признанијата му биле изнудени, а неговиот адвокат ја оспори целата истрага. Кешишев, единствениот кој изрази каење, изјави дека имал грижа на совест, но дека не учествувал во самиот чин на убиствата.
Случајот остави длабоки траги во јавноста, не само поради суровоста на делото, туку и поради вклученоста на политички и јавни фигури. Убиството на Вања и Панче беше еден од најшокантните настани во поновата македонска историја, а денешната пресуда се смета за мал чекор кон правдата. Семејствата на жртвите сè уште бараат одговори, но велат дека ова е барем почеток на затворање на една мачна рана.