Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека вчера беше успешно евакуирано едно македонско семејство – мајка со три деца – преку лет од Тел Авив до Атина.
Заклучно со денес, вкупно 12 македонски државјани се евакуирани од Израел: осум преку Египет со владин авион и четири преку Атина. Најголем дел од евакуираните се деца, вкупно седум од 12 лица.
Според дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, по воведувањето на прекин на огнот од 24 јуни и стабилизацијата на безбедносната состојба, оние што првично беа подготвени за итна евакуација сега го одложуваат заминувањето. Рестрикциите поврзани со конфликтот со Иран се укинати, а училиштата, институциите и продавниците повторно функционираат.
Министерството, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација со македонските државјани во Израел и ќе ја информира јавноста доколку се појави нова потреба за евакуација.
Сепак, останува препораката да се избегнуваат патувања во земјите од Блискиот Исток.