Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) започнува мониторинг на медиумското известување во предизборниот период по распишувањето на Локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година. Овој мониторинг се однесува на радиодифузерите и на начинот на кој известуваат во периодот пред официјалниот почеток на изборната кампања, како и на почитувањето на одредбите од Изборниот законик што важат со распишувањето на изборите.
До почетокот на кампањата, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси кои се емитуваат на државно ниво и имаат најголем просечен дневен досег до публиката. За сите други програмски сервиси мониторингот ќе се врши врз основа на пристигнати претставки.
При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите се обврзани да ги почитуваат професионалните принципи, особено објективноста и непристрасноста при прикажувањето на настаните, да овозможат еднаков третман на различните гледишта и мислења, со цел публиката да може слободно да формира свое мислење за различните настани и прашања. Исто така, тие мора да ги почитуваат забраните за поттикнување омраза и нетрпеливост.
Известувањето за редовните активности на државните органи, општините, Градот Скопје, како и на државните институции и организации или други правни лица со јавни овластувања, не смее да служи како медиумско претставување на ниту еден политички субјект во изборниот период.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите со национален опфат мора да обезбедат и информирање што е пристапно за лица со сетилни попречености. За содржините што ќе ги направат пристапни за време на изборната кампања, тие треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од моментот на распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, не е дозволено емитување реклами финансирани од државниот буџет, ниту пак платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на групи избирачи.
Дополнително, уредници, новинари, водители и презентери не смеат истовремено да бидат ангажирани и во медиумски програми и во предизборни активности на учесниците во кампањата. При објавување на резултати од истражувања на јавното мислење, медиумите мора да објават и сите потребни податоци за конкретното истражување според Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да се регистрираат во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците за рекламирање да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата постави на својата веб-страница банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образци за претставки и други важни информации. Банерот е достапен на македонски, албански и англиски јазик и ќе се ажурира континуирано во текот на изборниот процес.