ПРВ.мк
Македонија

ДЗР: Заштитата на жените жртви на насилство во Македонија е недоволно развиена и неефикасна!

ДЗР: Заштитата на жените жртви на насилство во Македонија е недоволно развиена и неефикасна!

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави дека институциите во државата не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Системот за заштита и понатаму е недоразвиен, а податоците за насилство покажуваат загрижувачка и непроменета состојба.

Во 2023 година, дури 91% од сторителите на кривични дела поврзани со семејно насилство биле мажи, додека 79% од жртвите биле жени. Овие бројки укажуваат дека обврските од Истанбулската конвенција, која Македонија ја ратификуваше во 2017 година, не се исполнети.

Според ревизијата, од вкупно 52 предвидени активности во Акцискиот план за 2018–2023, целосно се реализирани само 22. За периодот по 2023 година не е донесена нова Национална стратегија, ниту се усвоени сите потребни подзаконски акти.

Иако Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција во 2023 година, и беа воведени значајни измени (криминализација на родово насилство, зголемени казни, дефиниција на фемицид), сепак постојат сериозни предизвици. Тука спаѓаат: недоволна криминализација на психичкото насилство, гонење по предлог на жртвата, недоволна вклученост на граѓанскиот сектор, недостиг на кадар во Центрите за социјална работа и нефункционални засолништа и советувалишта.

Дополнително, бројот на легла во засолништа и советувалишта е далеку под минималните стандарди. На национално ниво има само 37% од потребниот капацитет на засолништа, а територијалната распределба е нерамномерна – некои региони немаат ни едно.

ДЗР заклучува дека постои отсуство на интегриран систем за евиденција на жртвите, што го оневозможува следењето на состојбата и креирањето ефикасни политики. Националното координативно тело не ги исполнува целосно своите надлежности.

Заводот упатува серија препораки до Владата и надлежните министерства за подобрување на системот за превенција и заштита на жените жртви на насилство.

Escape