Викендот на вториот круг од локалните избори донесе невообичаено засилен авионски сообраќај на охридскиот и скопскиот аеродром, каде што беа регистрирани вкупно 12 чартер летови во текот на изборните денови.
Најголема активност имаше на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде во саботата, 1 ноември, пристигнаа шест авиони. Два од нив беа „Ербас А320“ со по 180 седишта од Базел, а уште четири авиони „Ембраер 190“, со по 110 седишта, пристигнаа од Цирих. Следниот ден, во неделата, во Охрид беа реализирани уште два чартер лета – еден од Цирих и еден од Братислава.
На Меѓународниот аеродром во Скопје, во саботата слетаа чартери од Цирих, Базел и Дортмунд, додека во неделата беше реализиран и лет од Диселдорф. Капацитетот на овие авиони се движел меѓу 110 и 180 патници, што ја потврдува зголемената фреквенција на патници токму во деновите на изборниот процес.
Според видеата и објавите на социјалните мрежи, голем дел од патниците биле иселеници по потекло од Струга и Кичево — општини во кои се гласаше во вториот круг од изборите и каде исходот се очекуваше да биде тесен и неизвесен.
Податоците за излезноста до 17 часот го потврдуваат засилениот интерес: во Кичево излезноста изнесува 48,29%, додека во Струга — 35,39%.
Иако ваквите чартер летови не се невообичаени во периоди на празници или избори, нивниот број овој викенд е значително поголем од вообичаеното, што го прави изборниот викенд еден од најдинамичните по движење на патници оваа есен.
















