Поранешниот пратеник и ексградоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, јавно побара оставка од претседателот на партијата, Венко Филипче, по изборот на новото раководство на СДСМ.
Шилегов најпрвин преку социјалните мрежи упати иронична порака до Филипче, обвинувајќи го дека направил, како што напиша, „самоубиство со умисла“. Подоцна тој дополнително појасни дека неговата објава претставува директен повик за повлекување на партискиот лидер.
Во својата реакција, Шилегов напиша дека македонското законодавство познава кривични дела како убиство од небрежност и убиство со умисла, но, според него, не и „самоубиство со умисла“. Во пораката тој постави прашања поврзани со одговорноста, договорите и иднината на партијата, нагласувајќи дека, како што наведе, „или си СДСМ, или си тезгарош“.
По реакциите и повиците што, како што тврди, ги добил, Шилегов дополнително се огласи на Фејсбук и јасно порача дека бара оставка од актуелниот претседател на СДСМ.
Во меѓувреме, попладнево оставка од функцијата претседател на Општинската организација на СДСМ во Крива Паланка поднесе и градоначалникот Сашко Митевски, еден од ретките кандидати на партијата кој извојува победа на последните избори.
Во писмената оставка, адресирана до Венко Филипче и генералниот секретар Игор Димитријевиќ, Митевски наведува дека одлуката е неотповиклива и дека, водејќи се од вредностите на СДСМ, смета оти тоа е најкоректниот потег во моменталната состојба. Ова претставува втора оставка по изборот на новото партиско раководство.
Претходно денеска, од функцијата претседател на Општинската организација на СДСМ во Битола се повлече и Методија Куновски, кој воедно беше и кандидат за градоначалник на Битола.
















