Вистински хаос се случувал изминатиот викенд во Арачиново, кога возач на камион натоварен со дрва не застанал на полициска наредба, а потоа со возилото се упатил кон полициските службеници и службеното возило.
Според информациите од полицијата, инцидентот се случил на 24 мај околу пладне, на влезот во селото Арачиново. Полициски службеници дале знак за запирање на товарно возило кое превезувало дрва, но наместо да застане, возачот продолжил да се движи.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога возачот, според полицијата, го насочил камионот директно кон полициските службеници и службеното возило. Поради опасноста, полицајците испукале предупредувачки куршуми во воздух со цел да го спречат и да ја стават ситуацијата под контрола.
Но, ниту тоа не го запрело возачот. Тој во еден момент ги истоварил дрвата на улица, а потоа со камионот избегал од местото на настанот.
За среќа, во инцидентот нема повредени лица, а дрвата кои биле превезувани се предадени на Шумската полиција.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и товарното возило, како и за целосно расчистување на случајот.










