Во досегашниот тек од истражните дејствија во однос на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани досега се приведени 18 а задржани се 16 лица. Вкупно се извршени разговори со 71 лице, од кои 42 во Скопје и 29 лица во Кочани. За 14 лица е изречена мерка притвор во траење од 48 часа, информираше во вторникот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На 11 лица им е одредена мерка притвор за постоење основано сомнение за сторени „тешки дела против општата сигурност“, додека на три лица име одреден притвор за „несовено работење“.
Тошковски, на прес-конференција во Министерството денеска информираше дека последното задржано лице се товари за „тешки дела против општата сигурност“ во врска со предизвикување на општа опасност, а истото е потписник на еден од потребните документи за ставање во функција на еден кабаре клуб.
„Постојат основи, коишто одат во насока дека незаконито, паушално, без утврдување на фактичка состојба биле изготвувани круцијални документи, коишто биле предуслов во понатамошната постапка за ставање во функција за предметното кабаре“, рече Тошковски.
Извршени се, нагласи министерот, претреси кај две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција…
Претреси извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката, а денеска полициски службеници од Одделот за крим полиција и организиран криминал влегоа и во општината, каде како што нагласи Тошковски, се преземаат мерки и активности за обезбедување на документација поврзана со дискотеката.