Министерството за здравство информира дека медицинските тимови во здравствените установи во земјава и странство остануваат целосно ангажирани во обезбедување соодветна нега за сите пациенти.
Во болниците низ земјата моментално се хоспитализирани вкупно 75 пациенти, распределени по различни клиники, додека во странство продолжува лекувањето на 67 пациенти.
Според податоците, во Австрија од шестмина пациенти, пет се на интензивно лекување, а еден е префрлен на интерно одделение. Во Литванија четири пациенти се во стабилна состојба на интензивна нега. Петтемина повредени во пожарот во Кочани, кои се лекуваат во Анкара, сега дишат самостојно.
Во Србија се лекуваат 30 пациенти, во Бугарија 14, од кои седум се на интензивна нега, а во Грција осум пациенти покажуваат подобрување.
Министерството за здравство најави дека во текот на ноќта се очекува нови пациенти да бидат упатени во европски медицински центри, изразувајќи благодарност за поддршката од меѓународните партнери.