Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по денешниот телефонски разговор со рускиот колега Владимир Путин.
„Мојот денешен разговор со претседателот Путин беше многу добар и продуктивен“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Тој истакна дека се договориле за итен прекин на огнот во сите енергетски и инфраструктурни објекти, со разбирање дека ќе се работи на брзо постигнување целосен прекин на огнот и, на крај, крај на оваа ужасна војна меѓу Русија и Украина.
Се чини дека американскиот претседател ќе треба да добие согласност од Украина за 30-дневен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.
Трамп додаде дека војната никогаш немаше да започне ако тој беше претседател кога конфликтот избувна во 2022 година.
„Во разговорот беа покриени многу аспекти на можниот мировен договор, вклучувајќи го и фактот дека илјадници војници загинаа, и дека и претседателот Путин и претседателот Зеленски сакаат да видат крај на војната“, рече Трамп.
„Процесот сега е во полн тек и се надеваме дека, во име на хуманоста, ќе ја завршиме работата!“, додаде тој.