Снежните врнежи пристигнаа и во Македонија, а првите снегулки веќе се забележани на повисоките планински подрачја. Според најновите информации од Автомото сојузот на Македонија, во моментов се евидентираат слаби врнежи од снег на Попова Шапка, но тие засега не се задржуваат на коловозот и не го отежнуваат сообраќајот.
Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, главно по влажни коловози. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, без поголеми застои или ограничувања.
На граничните премини од македонска страна, според АМСМ, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, а патниот сообраќај се одвива редовно.
Сепак, од АМСМ апелираат до возачите на зголемена внимателност. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патните правци кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои зголемена можност за појава на одрони.
Посебна претпазливост се советува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде ваквите временски услови можат брзо да ја променат состојбата на коловозите.
Надлежните служби ја следат состојбата на патиштата, а возачите се повикуваат редовно да се информираат и да бидат подготвени за зимски услови во деновите што следуваат.
















